Ливерпул, Атлетико и Вест хем се екипите на кои се сопнаа прогнозерите во премиерното коло на Спортска прогноза

Стартот на петтата и дефинитивно најинтересна сезона на Спортска прогноза досега почна со (не)очекувани резултати во првото коло, во кое немаше доволно погодени натпревари за кој било прогнозер да добие подарок.

Најмногу погодени мечеви се осум, деветмина прогнозери стигнаа до оваа бројка, а мнозинството се сопна на три меча во кои имаше изненадувачки исходи.

За почеток, само 1,66% од 1.386 прогнозери веруваа во триумф на Вилјареал во дуелот против Атлетико Мадрид, односно над 80 % од учесниците кикснаа на Јорганџиите. Уште посигурни беа дека Вест хем ќе слави против Брајтон, на 85 % типуваа кец, а само 3,17 % двојка, па Галебите со 2-0 изнервираа поголем дел од нашите играчи.

Вчеравечер потфрли и Ливерпул, кој според 69,70 % од прогнозерите требаше да победи, но сепак Црвените ѓаволи славеа со 2-1. Овие три меча не дозволија да се доделат ваучери од 500 денари за 11 погодени пара.

Сепак, ова беше само загревачко коло. Бројката која учествуваше потврдува дека Спортска прогноза е примамлива за сите фудбалски љубители и нема да се чека многу за првите добитници на подароците кои Sport Life заедно со Спорт Манија ќе ги доделува во тековната сезона.

Денес по 14 часот ќе ги добиете новите 13 пара и плус два резервни, на кои ќе можете да прогнозирате во рамките од второто коло.

- Оглас -

Најнови вести