Ливерпул нема да може да смета на Флоријан Вирц ниту на саботниот дуел со Вест хем. Информацијата ја потврди стратегот на Црвените, Арне Слот, кој призна дека засега нема јасна временска рамка за враќањето на германскиот офанзивец.
Вирц заработи повреда непосредно пред почетокот на мечот со Нотингам форест при загревањето, ситуација што сериозно ги наруши и плановите на стручниот штаб.
„Не очекував Флоријан да биде надвор од комбинација и тоа навистина ме разочара. Секое отсуство на важен играч е удар за тимот, но ова дојде сосема неочекувано. Вообичаено имам појасна слика за времетраењето на паузата, но во овој момент навистина не знам колку ќе трае. Фактот што толку долго остана без повреди е доказ за неговата професионалност и физичка подготвеност. За жал, сега не ни е на располагање, а тоа е штета и за него и за нас, особено ако се земе предвид формата во која се наоѓаше“, истакна Слот.

