Фудбалскиот свет е скршен. Ливерпул е скршен. Ваква тага одамна не се почувствувала на спортските терени, трагедијата што го однесе животот на Диого Жота и неговиот брат Андре Силва остави неизмерна празнина во срцата на сите љубители на спортот.
Откако трагичната вест за сообраќајната несреќа во која загинаа двајцата браќа се прошири во петокот, низ целиот свет преовладува чувство на неверување и длабока жал. Слична емоционална загуба последен пат го потресе спортот со трагичната смрт на Коби Брајант и неговата ќерка.
Делегација на Ливерпул, предводена од фудбалерите, вчера пристигна во родниот Гондомар во Португалија, за да му оддаде последна почит на својот пријател и соиграч. Клубот најави дека ќе направи сè што е во негова моќ името на Жота засекогаш да остане дел од историјата на Ливерпул.
Првиот чекор е веќе најавен, дресот со број „20“ ќе биде повлечен од употреба, како трајна почест на неговото наследство. Дополнително, португалскиот медиум „Рекорд“ објави дека Ливерпул планира целосно да го исплати преостанатиот двегодишен договор на Жота на неговото семејство – гест достоен за клуб со традиција и вредности какви што има Ливерпул.
Диого Жота зад себе ја остави својата сопруга Руте и три мали деца. Ливерпул ќе го плати целото нивно школување до полнолетството.
Фудбалот изгуби голем човек, но неговата хуманост, скромност и страст кон играта ќе останат да живеат, преку спомените, преку навивачите, и преку сите оние кои имаа чест да го познаваат.