Ливерпул го има на радар ганскиот репрезентативец Антоан Семењо како потенцијален долгорочен наследник на Мохамед Салах, пишуваат англиските медиуми. Според информациите, Црвените планираат да го ангажираат напаѓачот на Борнмут во зимскиот преоден рок, кога ќе биде активна неговата откупна клаузула.
Салах има постигнато 248 голови на 412 натпревари за клубот во повеќе од осум години, но моментно минува низ тешка фаза. Тој не успеа да постигне гол, освен од пенал, на седум последовни натпревари во Премиер лигата, што е негов најдолг ваков период во дресот на Ливерпул. Иако продолжувањето на договорот летово требаше да ги отстрани сомнежите за неговата посветеност кон клубот, притисокот врз него расте.
Од друга страна, Семењо има експлозивен старт на сезоната, со шест голови во осум натпревари во Премиер лигата, со што стана една од најблескавите ѕвезди во шампионатот.
Претходно, тој го одби интересот на Тотенхем и на Манчестер јунајтед, остана лојален на Борнмут и потпиша нов петгодишен договор. Сепак, не е сигурно дека ќе остане уште долго во клубот.
На листата на заинтересирани клубови сега се приклучи и Ливерпул, чии скаути се особено импресионирани од неговите квалитети. Восхитот на клубот кон Семењо трае подолг период.