Англискиот премиерлигаш Ливерпул сериозно бара замена за Трент Александер-Арнолд, чија иднина на „Енфилд“ е под голем прашалник. Договорот на играчот му истекува ова лето, а се шпекулира дека тој ќе замине како слободен агент и ќе потпише со Реал Мадрид. Поради тоа, Црвените сакаат да бидат подготвени со играч кој ќе го заземе неговото место на десната страна од одбраната.
Се работи за Џереми Фримпонг од Баер Леверкузен. Менаџерот Арне Слот многу го цени 24-годишниот Холанѓанец. Тој сака играч со карактеристиките на Александер-Арнолд, кој истовремено е стабилен во одбраната, но и успешен во напаѓачките акции. Според него, Фримпонг ги исполнува овие барања.
Меѓутоа, Фримпонг е посакуван и од други клубови, вклучувајќи ги Манчестер јунајтед, Манчестер сити и Баерн Минхен, што значи дека битката за неговиот потпис ќе биде жестока. Освен тоа, клубот кој сака да го ангажира ќе треба да подготви сериозна сума за трансфер. Во моментов, неговата пазарна цена е 50 милиони евра, но се очекува Баер Леверкузен да бара значително повеќе за еден од своите најважни играчи.
Во меѓувреме, Ливерпул разгледува и други опции за својата одбрана. Еден од играчите што се наоѓаат на нивната листа е Мало Густо од Челзи, кој исто така е следен од скаутите на Црвените.