Големото дерби во Англија помеѓу Манчестер сити и Ливерпул може да реши многу прашања околу титулата. Ливерпул има седум бода предност, а Сити е актуелен шампион во Англија. Некогашниот англиски фудбалер Стен Колимор даде своја анализа во престижниот „Мирор“, во која е убеден дека „граѓаните“ ќе го одбранат тронот.
„Дури и ако се случи Ливерпул да победи со 5-0 на стадионот „Етихад“, мој фаворит за титулата е Манчестер сити. „Граѓаните“ се тим кој има капацитет и способност да спои 15 меча без пораз, додека Ливерпул и во минатото покажуваше дека знае да изгуби и предност од 10 бодови пред конкурентите“, е размислувањето на Колимор, кој во кариерата ги бранеше боите на тимот од „Енфилд Роуд“.
Ливерпул моментно е лидер во Премиер лигата со седум бода повеќе од Манчестер сити. „Црвените“ од Ливерпул речиси три децении чекаат да се израдуваат на титулата во првенството на Англија.