Ливерпул ѝ нуди нова стотка во милиони евра на Бенфика и сега доби корпа

Ливерпул ѝ понуди на Бенфика сума од 100 милиони евра за да го купи аргентинскиот репрезентативец Енцо Фернандес, кој беше прогласен за најдобар млад играч на Мундијалот во Катар.

Одговорот од популарните Орли од Лисабон е негативен за англискиот гигант бидејќи сметаат дека таа сума е премала за Фернадес и бараат 20 милиони евра повеќе, или точно 120 милиони евра, колку што е отштетната клаузула во договорот што го има Бенфика со одличниот играч за врска.

Ова лето што помина Ливерпул веќе ѝ плати 100 милиони евра на Бенфика за Дарвин Нуњес, односно трансферот чинеше 75 милиони евра плус уште 25 во бонуси.

Фернадес има 21 година и е две години помлад од Уругваецот Нуњес, а веќе чини повеќе од него по блескавите настапи на Мундијалот во Катар.

Тој беше еден од клучните играчи што ѝ помогна на Аргентина да стане светски првак по третпат во историјата на Мундијалите.

Интересно е што во Бенфика дојде ова лето од Ривер плејт за сума од 10 милиони евра и плус уште 8 во бонуси.

Ако Орлите успеат да го продадат за 120 милиони евра во зимскиот преоден рок, а не се далеку, тогаш ќарот ќе им биде спектакуларен, односно над 100 милиони евра само за шест-седум месеци.

Бенфика е клубот што е рекордер со заработка од трансфери на фудбалери во овој милениум, а вкупно португалските тимови се без конкуренција на планетата.

 

 

- Оглас -

Најнови вести