Реал Мадрид повеќе од еден месец немаше одиграно меч на својот „Сантијаго Бернабеу“, па навивачите со нетрпение го очекуваа дуелот против Селта Виго. Фактот дека Селта имаше само 16 бодови, а Реал дури 36, јасно даваше до знаење дека Крласкиот клуб е голем фаворит за победа. Сепак, уште еднаш се потврди дека на хартија нема фаворити, па на крајот Селта славеше со 2:0 во Мадрид.
Овој пораз за Реал е само потврда дека тимот е во резултатска криза и останува само на две победи во последните седум средби во сите натпреварувања. Веќе в среда, пред Реал е нов предизвик, а тоа е дуелот против Манчестер сити во Лига на шампиони, а веќе започнаа шпекулации дека доколку Кралевите повторно потклекнат, можно е да има смена и на тренерот Чаби Алонсо.
Алонсо летово дојде на чело на Реал, но веќе има незадоволство од неговата работа кај дел од ѕвездите. Винисиус јуниор е предводник на тивкиот бунт против Алонсо, па останува да се види дали против Сити на „Сантијаго Бернабеу“ ќе се врати Реал во препознатлив стил, или ќе има ново разочарување за фановите на Кралевите.
ВО ЛИВЕРПУЛ ДОЈДЕ ВРЕМЕ ДА СЕ ОДБЕРЕ, ТРЕНЕРОТ СЛОТ ИЛИ МО САЛАХ ДА СИ ОДИ
Ако за Реал се вели дека е во криза, тогаш Ливерпул е во длабока криза. Во последните 15 меча, англискиот првак има дури девет порази, две нерешени и само четири победи. Освен што не му оди со резултатите, тренерот Арне Слот влезе и во војна со најголемата ѕвезда, Мохамед Салах, кој сега почесто е на клупата за резерви отколку на теренот.
Салах дури и отворено најави дека може да си замине од Ливерпул во зимскиот преоден рок, па ова може да е и една „војна“ за тоа дали Салах или Слот треба да остане на „Енфилд роуд“.
БЕКАМ МНОГУ ДОБРО ЗНАЕШЕ ДЕКА МЕСИ Е НЕГОВИОТ „ТИКЕТ“ ЗА ОСВОЈУВАЊЕ НА ШАМПИОНСКА ТИТУЛА
Додека Реал и Ливерпул се тресат поради лошите резултати, на другиот крај од светот, односно преку Атлантикот, Лионел Меси приредува ново шоу. Аргентинскито виртуоз го предводеше тимот на Интер Мајами до првата историска титула во МЛС шампионатот.
Меси во Интер Мајами дојде пред две и пол години кога оваа екипа беше најлоша во лигата. Од најлоша, со Меси во составот, екипата на Интер Мајами минатата сезона испиша историја со најмногу освоени бодови во една сезона, а сега ја освои и првата титула.
Покрај Меси, во тимот беа и Луис Суарес, Жорди Алба, Серхио Бускетс, Родриго де Пол, а на клупата е Хавиер Маскерано. Со еден ваков тим на ветерани, Интер ја освои првата титула, а Меси во кариерата стигна до 48-миот голем трофеј што е најмногу за еден играч во историјата на фудбалот.
Од Меси никогаш не е доста. Тој сега со Аргентина ќе се подготвува за одбрана на титулата на Светското првенство кое следната година ќе се игра во САД, Канада и Мексико.

