Ливерпул има проблем кога гостува во Лигата на шампионите и веќе нанижа пет порази по ред. Од ланското финале против Реал Мадрид, кога црвените од „Енфилд роуд“ не успеаја да ја освојат европската круна, следеа само порази на гостински терен.
Вечерва од 21 часот каков било пораз би значел и крај за надежите на англискиот тим во елитното натпреварување. Баерн успеа да оствари добар резултат на „Енфилд роуд“, одигра без голови, па сега ќе сака да ја продолжи лошата гостинска серија на Ливерпул.
„Сега ќе биде малку поинаку. Очекувам Баерн повеќе да напаѓа, што е голем предизвик за нас да одговориме. Ќе биде спектакуларен меч“, изјави Јирген Клоп.
И Ливерпул и Баерн мора да мислат на два фронта и се кандидати и за домашната титула, но и за европската круна. Еден од нив ќе мора да се прости од Лигата на шампионите, а одговорот ќе го понуди реваншот на „Алијанц арената“ во Минхен.