Фудбалерите на Ливерпул почнаа да бележат лоши резултати во најважните моменти и со денешниот пораз шансите за освојување на титулата во Премиер лигата ги сведоа на теорија.
Црвените денеска на „Енфилд“ загубија од Кристал палас со 0:1 и сега имаат два бода помалку од лидерот Манчестер сити.
Манчестер сити е прв на табелата со 73 бода, Ливерпул има 71, исто колку и Арсенал кој нешто подоцна ќе игра против Астон вила. До крајот на сезоната, Ливерпул нема право на грешка, но и покрај тоа ќе зависи од резултатите на Сити и Арсенал.
Ова е втор пораз за Ливерпул на „Енфилд“ за само три дена по кој може цела сезона да им пропадне во вода. Имено, во четвртокот Аталанта славеше со убедливи 3:0 во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на Европа.
Денеска, навивачите на Ливерпул ги шокира Еберечи Езе кој единствениот гол го постигна во 14-тата минута.
Кристал палас со победата на „Енфилд“ речиси сигурно го обезбеди опстанокот во Премиер лигата бидејќи на пест кола до крајот има осум бода повеќе од Лутон кој е на позицијата која води во Чемпионшип.