Продолжувањето на англиската Премиер лига најмногу се очекува поради моментот на шампионското славење на Ливерпул. Такво нешто не е видено цели 30 години, помладите генерации фанови на Црвените не знаат како е да се крене пехарот и затоа за нив ова ќе биде настан од историско значење.
Титулата на Ливерпул многу ќе им значи и на спонзорите кои дадоа свој придонес. Пандемијата со корона-вирусот направи проблем за компанијата „Њу Баланс“, која има договор со Ливерпул до 31 јуни, а сезоната ќе трае и потоа, кога Ливерпул треба да почне да носи дресови на производителот „Најки“.
Ситуацијата се разгледувала во клубот, со оглед на тоа дека двете американски компании сакаат нивното лого да се најде на дресовите кога Ливерпул ќе го крене пехарот. На крај, одлучено е тимот до крајот на сезоната да носи дресови од досегашниот спонзор. Поради ова, Ливерпул ќе треба да се откаже од дел од парите од договорот со „Најки“. Не се знае од колку пари ќе треба да се откажат, но јасно е дека за првата година нема да ги добијат сите 70 милиони фунти.