Ливерпул ќе го повлече дресот со број „20“ во спомен на трагично починатиот Диого Жота

Ливерпул објави дека ќе го повлече дресот со број „20“, кој го носеше Диого Жота, фудбалерот кој трагично го загуби животот. Тоа ќе биде првпат во историјата на клубот некој број официјално да биде повлечен од употреба.

„Бројот ’20’ со право ќе биде овековечен“, стои во соопштението на актуелниот англиски шампион.

„Тоа што за жал се покажа како негов последен блесок во фудбалот, му донесе на Жота титула од Премиер лигата и трофеј од Лигата на нации на УЕФА. Бројот ’20’ ќе остане засекогаш запаметен по неговиот придонес во шампионската сезона 2024/25 – историската 20-та титула на Ливерпул – и по неговата препознатлива финта и гол пред ‘Коп’ трибината, кога во април ја донесе победата во дербито против Евертон – неговиот последен, длабоко емотивен гол во животот.“

Диого Жота трагично загина заедно со својот помлад брат Андре Силва, фудбалер на португалскиот клуб Пенафил, во сообраќајна несреќа на автопатот А-52 во шпанската покраина Замора. Местото на несреќата претходно било опишано како едно од најопасните во Шпанија, познато по бројни несреќи и сообраќајни прекршоци.

Несреќата се случила кога нивниот автомобил „Ламборџини“ поради пукање на гума излетал од патот додека претекнувале друго возило, во близина на местото Сернадиља, недалеку од границата со Португалија. Итните служби потврдија дека и двајцата починале на самото место.

- Оглас -

Најнови вести