Ливерпул лесно го победи Манчестер ј., Сити му даде четири гола на Челзи (Видео)

Ливерпул на перфектен начин ја комплетираше турнејата низ САД, каде одигра три контролни меча и забележа три победи. Утрово, пред речиси 80.000 гледачи, Ливерпул лесно со 3:0 славеше над најголемиот ривал Манчестер јунајтед.

Фабио Карвахаљо погоди за водство на Ливерпул по само 10 минути игра, искористувајќи ја слабата дефанзивна поставеност на Касемиро.

Водството на Ливерпул беше удвоено во 36 минута кога Мохамед Салах одлично продре, одлично го проигра Куртис Џонс на кого не му беше тешко да ја затресе мрежата на противникот за 2:0, што беше резултат и на полувреме.

Во 61 минута Ливерпул се израдува и на трет погодок кога Костас Цимикас беше прецизен за нова радост на Црвените кои уште еднаш потврдија дека се за класа подобри од вечниот ривал Манчестер јунајтед, па макар и да се работи за пријателски дуел.

„Многу сме среќни со овој резултат. Постигнавме убави голови, но сепак мислам дека ја немавме доволно контролата на топката во наш посед, па Манчестер јунајтед создаде повеќе опасни ситуации пред нашиот гол. Победивме со 3:0, но резултатот можеше да биде и поинаков“, рече новиот тренер на Ливерпул, Арне Слот.

Со Слот на чело, Ливерпул во подготовителниот период ги победи уште и Бетис со 1:0 и Арсенал со 2:1.

Во контролни мечеви кои се одиграа ноќеска низ САД, Вулверхемптон со 3:0 го победи Лајпциг во чии редови во стартниот состав беше Елиф Елмас кој заработи жолт картон. Кристал Палас со 3:1 славеше над Вест хем, а Манчестер сити со 4:2 го победи Челзи.

- Оглас -

Најнови вести