Предноста на Ливерпул во однос на вториот тим во Премиерлигата е дури 13 бода, на третиот му бега 14, на петтиот 22, на осмиот 24, а Црвените имаат и еден меч помалку, па ова е доминација каква што не се памети во историјата на најсилната лига во Англија.
Математиката покажува дека Ливерпул може и да си земе едномесечен одмор и да не игра ниту еден меч, а повторно да биде првопласиран на табелата.
Тимот на Јирген Клоп ја уништи конкуренцијата, па сега е во битка само со рекордите. Со неверојатни 52 бода од 54 можни сезонава, Ливерпул го изедначи рекордот на Манчестер сити од пред две сезони. Таа сезона Сити ја заврши со 100 бода, а Ливерпул за да го повтори тоа, треба да освои 49 од оние максимални 60 кои останаа до крајот.
Желбата за титула им е огромна, чекаат 30 години и не сакаат да ја испуштат шансата. Ливерпул има низа од 35 премиерлигашки мечеви по ред без пораз, а рекордот е 49, и го држи Арсенал од 2003 и 2004 година. Ако Ливерпул не загуби на наредните 15 меча, ќе биде најдобриот тим во историјата на Премиерлигата.
Пеп Гвардиола рече овој Ливерпул и Барселона со Луис Енрике како тренер се најсилните тимови против кои играл, и непризнава дека Сити потфрлил, бидејќи тимот има само еден бод помалку од Барселона која е лидер во шпанската лига.

