Ливерпул му даде шанса на Сити в среда да стане лидер на Премиер лигата

Нов кикс на Ливерпул во борбата за титулата во Премиер лигата откако ремизираше 1-1 на гостувањето кај Вест хем. „Црвените“ имаа огромен посед на топка, но не беа доволно креативни, па не ни заслужија да победат, особено што голот кој го постигнаа беше нерегуларен и треба да бидат благодарни што во Англија не се користи ВАР-технологијата.

Ливерпул има само три бода предност во однос на Манчестер сити, кој во среда гостува кај Евертон и ако победи, привремено ќе го запоседне врвот на табелата.

Тимот на тренерот Јирген Клоп поведе со гол на Садио Мане, но асистентот Џејмс Милнер беше во голем офсајд, кој помошниот судија не го виде. За Милнер тоа беше 81-ва асистенција во Премиер лигата, со што го надмина Дејвид Бекам на седмото место на вечната листа.

Неправдата беше исправена кога Вест хем ја надмудри одбраната на Ливерпул по еден слободен удар, а стрелец беше Михаил Антонио. Антонио против Ливерпул има дадено четири гола на пет меча, што е негов најдобар учинок против некој премиерлигаш.

На „Лондон стадион“, Вест хем никогаш немал три победи по ред и испушти прилика да врзе три триумфи на овој стадион бидејќи беше доста опасен.

 

- Оглас -

Најнови вести