Ливерпул го победи Вотфорд со 2-0 и изби на чело на премиерлигашката табела, со два бода предност пред Манчестер сити, а Граѓаните имаат и еден меч помалку, денешниот со Барнли.
Триумфот на Црвените воопшто не беше лесен. Првиот гол го даде Жота, негов седми со глава (од вкупно 23 колку што ги има за Ливерпул во Премиерлигата), и тоа една минута откако голманот Алисон го спаси Ливерпул по шутот на Куцка. Конечните 2-0 беа поставени во 90-та минута, кога Фабињо реализираше пенал.
Ова беше 250-ти премиерлигашки меч на тренерот Јирген Клоп, и негова 160-та победа (има само 34 порази).
На Ливерпул традиционално му лежи Вотфорд, дома има добиено 13 од последните 14 пресметки против овој тим. Вотфорд денеска играше добро, имаше шанси, но загуби и остана без победа на „Енфилд“ од август 1999.