Ливерпул не ја заборава најголемата фудбалска трагедија, 97-мина навивачи тргнаа на „Хилсборо“ да ги бодрат Црвените и никогаш не се вратија

Една од најголемите фудбалски трагедии се случи на денешен ден точно пред 35 година, и тоа на натпреварот од полуфиналето на ФА купот меѓу Ливерпул и Нотингам форест. Натпреварот се играше на стадионот „Хилсборо“ во Шефилд.

 

Денеска знамињата во Ливерпул ќе бидат спуштени на половина копје, а во 16.06 часот од градското собрание звончињата заѕвонија точно 97 пати. Градските власти исто така ги замолија жителите на Ливерпул да застанат на една минута за да им оддадат почит на навивачите на Црвените кои пред 35 години загинаа на стадионот „Хилсборо“ во Шефилд.

Човечка грешка, погрешна проценка и огромните пропусти во обезбедувањето и организацијата доведоа до ужасна трагедија, се сруши трибината на која беа сместени навивачите на Ливерпулм по што животот го загубија 97-мина фанови на Црвените.

До 2021 година бројот на загинати навивачите беше 96, но тогаш почина уште еден навивач поради тешки повреди на мозокот.

Фудбалската федерација на Англија одреди навивачите на Ливерпул да бидат сместени на Лепинг Лејн трибината, на која се влегуваше само низ еден од можните седум влезови на стадионот.

Тоа доведе до создавање голема гужва пред влезот поради, што шефот на полицијата, Дејвид Дакенфилд, нареди да се отвори и тунелот за излез. Тунелот кој долги години беше затворен ги водеше навивачите точно во пренатрупаните делови од трибината, со што доведе да се случи трагедијата и 97 лица да го загубат животот.

 

 

Неколку моменти по стартот на натпреварот, оградите не можеа да го издржат преголемиот број навивачи и почаа да се рушат, што доведе до тоа фановите да паѓаат едни врз други. На крајот, трагичниот биланс изнесуваше 97-мина починати навивачи на Ливерпул.

Полицијата постојано ги обвинуваше навивачите на Ливерпул, но долгогодишниот притисок од јавноста и на упорноста на Ливерпул и неговите фанови донесе на 20-годишнината од трагедијата англиската Влада да им наложи на полицијата, на медицинските интитуции и останатите јавни служби да ги презентираат сите документи во јавноста, по што беше отворена нова истрага.

Во септември 2012 година беше донесен конечен заклучок дека навивачите на Ливерпул не се виновни за трагедијата, по што властите и полицијата беа обвинети дека со години ја прикривале вистинската причина за несреќата и лажно ги обвинувале фановите за тоа.

 

Извештајот од истрагата го натера и тогашниот премиер Дејвид Камерон да им се извини на Ливерпул и неговите навивачи, а тоа го сторија и од Фудбалската федерација на Англија и од националниот сервис Би-би-си, кој постојано го вперуваше прстот во навивачите иако според доказите, нивниот директор знаел за пропустите на полицијата и направил сè за да го прикрие тоа.

Исто така е донесен заклучок дека дури 46 лица од вкупно 97 кои го загубија животот на „Хилсборо“ можеле да бидат спасени доколку медицинските служби реагирале навремено.

Ливерпул не ја заборава трагедијата на своите навивачи кои успеаја донекаде да ја истераат правдата, исто како и Англија, и затоа секоја година оваа недела е посветена на навивачите кои го загубија животот на „Хилсборо“.

- Оглас -

Најнови вести