Турскиот репрезентативец Озан Кабак, по крајот на сезоната во Премиер лигата ќе биде вратен во Шалке откако Ливерпул одлучи да не ја активира клаузулата за откуп на неговиот договор. Црвените имаат опција да го задржат Кабак за 20 милиони евра, сума која беше договорена при неговото позајмување во јануарскиот преоден рок.
И самиот Клоп меѓу редови посочи дека нема да смета на него во иднина, бидејќи стоперот е повреден и сезоната за него е завршена, па може слободно да се врати во Шалке. Со оглед на тоа дека има 21 година и поседува голем потенцијал, Кабак речиси сигурно нема да остане во Шалке и да игра во Цвајта, па се очекува да побара трансфер во претстојното лето.
Кабак за Ливерпул одигра вкупно 13 натпревари од кои девет беа во Премиер лигата и јасно беше дека неговата позајмица е само привремено решение за Црвените кои мака мачеа во одбраната поради бројните повреди и пред сè долгото отсуство на Ван Дајк.
Ливерпул веќе обезбеди нов дефанзивец кој во новата сезона ќе му биде партнер на Холанѓанецот, тоа е Ибрахима Конате од Лајпциг за кого беа издвоени околу 35 милиони евра.