По десеттиот пораз на Ливерпул во 2021 година, фудбалерот кој ја носеше капитенската лента, Џорџинио Вајналдум, изјави дека голот на Мо Салах им дава надеж пред реваншот, но призна дека очекувале поповолен резултат во Мадрид.
„Реал е добар тим. Ние во првото полувреме не бевме добри, имавме многу грешки и таа деконцентрација беше казнета. Се договоривме да не ја губиме топката толку лесно, ја заигравме нашата игра и дадовме гол кој ни дава самодоверба дека можеме да одиме понатаму. За несреќа, примивме и трети гол кој ја отежнува работата. Се надевавме на подобар резултат“, изјави Вајналдум.
Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, ја пофали Борусија Дортмунд.
„Подобро победа од 2-1, отколку нерешено 1-1. Имавме многу неискористени шанси. Дортмунд е силен тим, типичен клуб од ЛШ, со квалитетни играчи. Ќе анализираме и потоа и на реваншот ќе одиме на победа“, порача Гвардиола.