Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, е пресреќен што неговиот тим победи на гостувањето во Париз против ПСЖ, во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите. Тој призна дека неговиот тим имал многу среќа што триумфално си замина од „Паркот на принцовите“.
„Дури мечот да завршеше и нерешено, повторно ќе кажев дека сме среќни. ПСЖ беше многу подобар тим од нас на овој меч. Во првото полувреме имаа многу големи шанси, а потоа продолжија во ист ритам и во вториот дел. Повторно се виде дека се класа тим. Сепак, верував дека со контранапади може да ги загрозиме. Имавме три или четри шанси, а во последниот обид им нанесовме удар. Имаме добар резултат, но ја почувствувавме силата на ПСЖ. Не сум изненаден од нивната добра игра. Луис Енрике има составено еден неверојатен тим“, рече Слот.
Ливерпул даде гол од единствениот шут што го имаше во рамките на голот на ПСЖ, и тоа во 87-мата минута, кога нововлезениот Елиот ги шокираше домаќините. Од друга страна, ПСЖ доминираше, имаше 71 отсто посед на топката, домаќините упатија дури 27 шута кон голот на гостите, од кои дури 10 беа во рамките, но неверојатниот Алисон Бекер едноставно беше несовладлив.
Што сè успеа Алисон да одбрани против ПСЖ, може да видите ТУКА.