Ливерпул сезонава не е дел од Лигата на шампиони, па трофејниот англиски клуб мора да се задоволи со играње во Лигата на Европа. Во ова натпреварување Ливерпул покажува дека е доминантен и веќе го обезбеди првото место во групата. Синоќа, Ливерпул на „Енфилд роуд“ беше убедлив и победи со 4:0 против ЛАСК Линц, а тренерот Јирген Клоп не сакаше многу да ги фали своите играчи, па најде и нешто што не му се допадна на оваа средба.
„Најважно е дека победивме и дека го обезбедивме првото место во групата. Одигравме добро, но имаше и работи кои не ми се допаѓаа. Затоа постојано треба да работиме и да се подобруваме. На играчите им реков дека ваков меч мора да го решиме во првото полувреме. Добро почнавме, дадовме два гола во раната фаза, но требаше да погодиме уште еднаш и да ја завршиме работата. На почетокот на второто полувреме брзо дадовме трет гол и тоа е добро. Во секој случај, фантастично е да се победи со 4:0. Имаме тежок распоред и добро е што веќе го обезбедивме првото место во групата“, рече Клоп по триумфот во Лигата на Европа.