Барселона со убедливи 3-0 го победи Ливерпул во првиот меч од полуфиналето во Лигата на шампионите. Со оваа победа каталонскиот гигант сега е мнгу блиску до пласман во финалето од елитното натпреварување на УЕФА. Ливерпул на реваншот на „Енфилд роуд“ ќе мора да одигра перфектно ако сака да се надева дека ќе може да ја анулира оваа висока негатива.
Луис Суарес го најави триумфот на Барселона. Уругвајскиот напаѓач го даде првиот погодок сезонава во ЛШ, и тоа кога најмногу требаше. Погоди во 26-тата минута за водство од 1-0 на Барселона на полувремето. Погодокот на Суарес беше и јубилеен 500-ти гол за Барселона во ЛШ.
Второто полувреме започна во знакот на Ливерпул. Гостите имаа иницијатива, ја контролираа играта, напаѓаа, но не успеаја да погодат. Кога тоа ќе се случи, Барселона знае како да казни. Во 75-тата минута Меси тргна во напад, топката стигна со Суарес, кој шутираше во пречката, а од одбиениот удар, топката дојде до Меси, кој буквално влезе во голот на противникот.
Само седум минути по тој гол, Меси покажа уште едно фудбалско шоу. Аргентинскиот виртуоз погоди од слободен удар во 81-вата минута за 3-0. Ливерпул имаше голема шанса за погодок, но Мохамед Салах ја погоди стативата од ситуација од која многу полесно беше да погоди.
За Барселона ова беше прва победа во дуелите со Ливерпул на „Камп ноу“, но остварена во вистински момент.