1.8 C
Skopje
среда, 31 декември 2025

Ливерпул пронајде засилување во Белгија и за него ќе плати 40 милиони евра

Ливерпул е на чекор до договор со еквадорскиот централен дефанзивец Жоел Ордонес, пренесува познатиот јужноамерикански спортски портал „Болавип“. Според нивните информации, клубот од „Енфилд“ е подготвен да му плати на Клуб Бриж околу 40 милиони евра за услугите на 21-годишниот стопер, а пет проценти од трансферната сума ќе завршат кај неговиот поранешен клуб Индепендиенте дела Вале.

За потписот на еквадорскиот репрезентативец интерес покажал и Челзи, но Сините од Лондон во меѓувреме се повлекле од трката, што го прави Ливерпул главен фаворит. Ситуацијата внимателно ја следи и Интер, но засега Црвените се најблиску до договор.

Потребата од нов централен бек е очигледна за Ливерпул, со оглед на тоа што менаџерот Арне Слот располага со ограничен број опции во одбраната, особено по тешката повреда на Џовани Леони на самиот старт од сезоната. И понатаму се шпекулира за можен трансфер на капитенот на Кристал палас, Марк Гехи, но информациите се нејасни – дали Ливерпул ќе тргне по него уште во јануари или ќе почека до налето, кога дефанзивецот би бил слободен агент.

Дополнителна неизвесност внесе и шпанскиот весник „АС“, кој објави дека Реал Мадрид не се откажал од интересот за англискиот репрезентативец, а во тој случај Гехи би можело да го преферира трансферот на „Сантијаго Бернабеу“. Во последните денови се појавија и гласини дека Манчестер сити сериозно ја следи ситуацијата и би можел да се вклучи во битката за неговиот потпис.

- Оглас -

Најнови вести