Ливерпул конечно дочека да се радува на шампионска круна во Англија по долгиот пост од 30 години, а сега може и да урне четири рекорди во Премиер лигата.
Ако Црвените од „Енфилд роуд“ одиграат победнички до крајот на сезоната во последните 7 кола, тогаш ќе ги има во вечната книга со неколку недостижни остварувања.
Првата цел е да ја држат дистанцата од 20 или повеќе бодови што ја имаат сега во однос на Манчестер сити, со што би го урнале нивниот рекорд од најголема разлика во бодови меѓу шампионот и вицешампионот во една сезона во Премиер лигата.
Манчестер сити во 2017/18 ја освои титулата со 19 бода пред градскиот ривал Манчестер јунајтед, што е најголема дистанца меѓу првата и втората екипа во првенствена трка во Англија.
Тогаш Сити како шампион освои 100 бода, а сега ако Ливерпул ги добие сите натпревари до крај, може да биде нов рекордер со 107 бодови.
И по бројот на победи во ист циклус на натпревари во Премиер лигата Ливерпул може да ги прескокне рекордните 32 на Манчестер сити од истата 2017/18 сезона. Моментно новиот шампион има 28 триумфи и му требаат уште пет во последните 7 меча.
И последниот рекорд што е во колекцијата на три екипи со по 18 домашни победи во историјата на Премиер лигата е достижен за Ливерпул.
Новиот шампион има совршен скор од 16 победи на исто толку мечеви на „Енфилд роуд“ и може да стигне до 19 и нов рекорд ако ги победи Астон вила, Барнли и Челзи на својот стадион.