Вистинска драма ќе бидат последните две кола во англиската Премиер лига. Манчестер сити и Ливерпул имаат феноменална сезона, играат одлично, но на крајот еден од овие два клуба ќе остане со празни раце. Засега, Сити е во пол-позиција, бидејќи е лидер со 92 бодови, а Ливерпул има бод помалку на второто место.
Неверојатно е дека двата клуба ја надминаа бројката од 90 бодови, а има уште две кола да се играат до крајот. Тоа само ја покажува нивната доминација. Сити е актуелен бранител на трофејот, додека Ливерпул веќе 29 години чека да се израдува на шампионски пехар во првенството.
Статистиката покажува дека Ливерпул со освоени 91 бодови колку што има во моментов, веќе ќе беше првак во 33 од последните 37 сезони во англиското првенство. Само четири пати шампионот имал освоено повеќе од 91 бодови на крајот, а тоа било во 1994 година кога Манчестер јунајтед освои 92 бодови, Челзи во 2005 година (95 бодови), Челзи во 2017 година (93 бодови) и Манчестер сити кој во минатата сезона стана првиот клуб кој ја стигна магичната бројка од 100 поени.
Ако Ливерпул ги добие и последните два меча, ќе стигне до 97 бодови, но ако и Сити не киксира, гигантот од „Енфилд Роуд“ ќе постави можеби и светски рекорд, да не биде првак со 97 освоени бодови.