Англискиот шампион Ливерпул ја испрати својата втора понуда до Баер Леверкузен за германскиот репрезентативец Флоријан Вирц. Понудата е во вкупна вредност од 130 милиони евра (109 милиони фунти), вклучувајќи и бонуси.
Според информациите од Англија, во моментов двата клуба преговараат околу структурата на дополнителните плаќања, а на „Енфилд“ веруваат дека договорот набрзо ќе биде финализиран.
Весникот „Билд“ открива дека понудата се состои од 100 милиони фунти (околу 117 милиони евра) во фиксна сума и уште 12 милиони фунти во бонуси, со што вкупната вредност достигнува околу 133 милиони евра. Претходно, Баер Леверкузен бараше 150 милиони евра за својата ѕвезда.
Првата понуда на Ливерпул беше 100 милиони евра плус бонуси, но таа беше одбиена од германскиот клуб.
Вирц веќе ја донел одлуката – сака трансфер само во Ливерпул. Тој го потврдил тоа по средбата со новиот менаџер на тимот, Арне Слот, која се одржала на 13 мај. Иако интерес за него покажаа и Баерн Минхен, Манчестер сити и Реал Мадрид, Вирц им соопштил на Баварците дека се има решено за тимот од Мерсисајд.
Доколку трансферот се реализира, ќе стане најскап во историјата на Ливерпул, а можно е да биде и најскап трансфер во историјата на Премиер лигата. Во моментов, тој рекорд го држи Енцо Фернандез, за кого Челси плати 106 милиони фунти на Бенфика.