Францускиот фудбалер Уго Екитике и официјално беше преставен како нов фудбалер на Ливерпул. Од актуелниот англиски првак се пофалија со новиот напаѓач, кој пристигна од Ајнтрахт Франкфурт.
За реализација на овој трансфер, Ливерпул му плати 82,5 милиони евра на германскиот тим, а плус ќе бидат додадени и 12,5 милиони евра низ разни бонуси.
Екитике одигра 64 меча за Ајнтрахт и постигна 26 гола, доволно да биде избран во најдобриот тим во сезоната во Бунделигата. Освен за Ајнтрахт, Екитике има играно и за Ремс и ПСЖ.
Младиот репрезентативец на Франција веднаш се упати кон Хонгконг, каде што Ливерпул игра пријателски мечеви во пресрет на новата сезона.
Пред Екитике, Ливерпул го засили својот состав со голманот Мамардашвили, дефанзивците Милош Керкез и Џереми Фримпонг, потоа Флоријан Вирц, и кога сè ќе се сумира, Црвените веќе ја надминаа бројката од 300.000.000 евра.
Но, тоа не е крајот бидејќи е познато дека Ливерпул сака да доведе и централен дефанзивец, а Марк Геје од Кристал палас е првата цел, а сè поизвесно е дека ќе пристигне и замена за Луис Дијас, кој заминува и е пред трансфер во Баерн.
Генерално, Ливерпул продолжува да руши рекорди – 300-те милиони евра што ги потрошија ова лето се без преседан во историјата на клубот, додека Флоријан Вирц е најскапото засилување во историјата на Премиер лигата. Во исто време, Екитике е најскапоплатениот напаѓач во историјата на Ливерпул, па рекордите постојано паѓаат.