Абдулкадир Омур е играчот за кого го најавуваат како голема идна ѕвезда на турскиот фудбал. Иако има само 19 години, некои дури го споредуваат со талентот кој го има Лионел Меси, но тоа ќе треба да го докаже во иднина.
Омур го носи дресот на Трабзон, а иако е еден од најмладите во тимот, има стандардно место во стартниот тим. Сезонава во 16 средби во турското првенство има постигнато два гола и четири асистенции. За добрите игрчи на Омур се слушна и во Англија, од каде дојде абер дека Ливерпул би сакал да го доведе на „Енфилд Роуд“. Иако засега се работи само за шпекулации, самиот играч вели дека би му било чест да игра за гигантот од Англија.
„Ливерпул е голем клуб, еден од најголемите во светот. Сепак, не е мое да зборувам за понудите кои стигнуваат за мене. Тоа е работа на луѓето во Трабзонспор. Каква и да биде одлуката, јас ќе ја почитувам“, изјави Омур, кој има активен договор со турскиот тим до 2022 година.
Моментно неговата трансфер цена се проценува на 10 милиони евра, сума која не е проблем да ја платат од Ливерпул.