Ливерпул доби сериозна надеж дека во наредниот период ќе може да го обезбеди фудбалерот кого го гледа како долгорочна замена за Вирџил ван Дајк.
Според најновите информации, дефанзивецот кој одамна е на радарот на Црвените е подготвен да го напушти сегашниот клуб и веќе следната година да ја продолжи кариерата во нова средина.
Познато е дека Ливерпул во 2018 година направи историски потег, откако на Саутемптон му плати 85 милиони евра за Ван Дајк, со што Холанѓанецот стана втор најскап стопер во историјата на фудбалот. Тоа вложување се покажа како полн погодок, бидејќи и на 34-годишна возраст Ван Дајк важи за еден од најдобрите дефанзивци во светот.
Сепак, на „Енфилд“ се свесни дека времето не може да се запре и дека капитенот еден ден ќе мора да го напушти клубот или да ја заврши кариерата. Поради тоа, не се очекува продолжување на договорот кој истекува во летото 2027 година, а плановите за наследник веќе се јасно зацртани.
Во тој контекст, Ливерпул е насочен кон Алесандро Бастони од Интер, фудбалер кој важи за еден од најквалитетните стопери на денешницата. Италијанецот има 26 години и договор со Нераѕурите до 2028 година, но наводно е отворен за трансфер и подготвен следната година да направи голем чекор во кариерата.
Се шпекулира дека 2026 година би можела да биде клучна за Бастони, кога би го остварил најголемиот трансфер досега, а една од најреалните опции е токму преселба во Ливерпул. Сепак, конкуренцијата ќе биде жестока, бидејќи интерес за него покажуваат и Манчестер сити, Челзи, Реал Мадрид, Барселона, Баерн Минхен и ПСЖ.
Бастони пристигна во Интер во 2019 година и досега има одиграно 278 натпревари во дресот на италијанскиот гигант. Со клубот стигна до две финалиња во Лигата на шампионите и освои седум значајни трофеи, меѓу кои и две титули во Серија А. Тој е и член на репрезентацијата на Италија која го освои Европското првенство во 2020 година.
Во Ливерпул се очекува веќе во јануарскиот преоден рок да се направат првите чекори кон засилувања, а останува да се види дали клубот уште на почетокот на годината ќе се обиде да ја отвори операцијата „Бастони“. Паралелно со тоа, Црвените внимателно ја следат и ситуацијата со Семењо од Борнмут, за кого интерес покажуваат и Манчестер јунајтед и Манчестер сити.

