Ливерпул ја оправда фаворитската улога во дуелот против Порто и победи со 2-0 на првиот меч од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Уште во првите 25 минути, домаќините им донесоа двојна радост на навивачите на „Енфилд роуд“, а до крајот на средбата мрежите мируваа.
Предноста од 2-0 е повеќе од солидна, посебно за вака значајни дуели. Историјата и традицијата е целосно на страната на Ливерпул. Англискиот тим дури може полека да се подготвува за полуфиналето. Во минатото, на „Енфилд роуд“, Ливерпул седум пати победувал со 2-0 во прв меч од нокаут-фазата и во сите случаи на реваншот успевал да ја сочува позитивата и да оди понатаму.
За разлика од Ливерпул, Порто прпетходно четири пати имал негатива од 2-0 по првиот меч на гости и во реваншот на свој терен никогаш не успеал да го елиминира противникот. Поради тоа, ако се гледа традицијата и статистиката, Ливерпул веќе е во полуфиналето, но фудбалот често знае да биде непредвидлив и затоа мора да се почека и да се одиграат преостанатите 90 минути, и тоа на теренот на Порто.