Фудбалерите на Ливерпул славеа победа од 1-2 на гостувањето кај Тотенхем во Лондон, во 17-тото коло од Премиер лигата, по драматичен и крајно турбулентен натпревар.
Во првите 25 минути речиси и да немаше сериозни случувања. Двата тима се обидуваа преку брзи транзиции, Ливерпул имаше поголем посед, но без конкретна закана кон голот на Викарио. Се издвои еден индивидуален обид на Флоријан Вирц, додека на спротивната страна Рандал Коло Муани се обиде со удар со глава, но без проблеми за Алисон.
Клучниот и најконтроверзен момент се случи во 33-та минута, кога Чави Симонс доби директен црвен картон поради старт со ѓон врз потпорната нога на Вирџил ван Дајк. По прегледување на ВАР-снимката, судијата Џон Брукс реши да го исклучи холандскиот фудбалер, одлука што предизвика многу реакции. Сепак, мора да се признае дека стануваше збор за непромислен потег кој скапо го чинеше Тотенхем.
Со играч повеќе, Ливерпул доби отворен пат кон трите бода. Арне Слот веднаш на стартот од второто полувреме реагираше со замена, Александер Исак влезе наместо повредениот Конор Бредли, а тоа брзо даде резултат. По катастрофална грешка на Кристијан Ромеро во одбраната, Вирц запиша асистенција, а Исак погоди за водство од 0-1 во 56. минута. Радоста, сепак, беше кратка, шведскиот напаѓач се повреди по еден старт и мораше да го напушти теренот.
Него го замени Џереми Фримпонг, кој по враќањето од подолга пауза веднаш се истакна. По неговото центрирање, со малку среќа, топката стигна до Уго Екитике, кој ја продолжи одличната форма и го постигна својот петти гол во последните три првенствени натпревари. Домашните се жалеа на фаул во напад, но судијата повторно остана на својата одлука, за 0-2.
Иако Ливерпул немаше потреба да ризикува, Тотенхем немаше што да изгуби. Во 80-тата минута Томас Франк го внесе Ришарлисон, а Бразилецот брзо се запиша во стрелците по одбиена топка од прекин, уште еднаш разоткривајќи ги проблемите на Ливерпул при дефанзивните ситуации од статични позиции.
И покрај играч помалку, домаќините притиснаа. Во 86-тата минута Ришарлисон имаше нова можност, по лошо додавање на Кертис Џонс, но Ибрахима Конате во последен момент спречи израмнување. Малку подоцна, истиот напаѓач со лакот го удри Фримпонг, кој поради крварење мораше да го напушти теренот, па двете замени на Ливерпул прерано го завршија натпреварот.
Во долгото судиско надополнување тензиите кулминираа. Кристијан Ромеро доби втор жолт, односно црвен картон, по обид да го удри Конате. Иако се повлече и покрај двата играчи повеќе, Ливерпул успеа да ја сочува предноста и да замине од Лондон со вредна победа.

