Фудбалерите на Ливерпул со победа од 4-2 на домашен терен над Борнмут тргнаа кон одбрана на титулата во Премиер лигата. Сепак, иако резултатот изгледа убедлив, Ливерпул за малку ќе направеше од „готово – вересија“.
„Црвените“ имаа предност од 2-0 по 50-тина минути игра, откако Екитике во 37-мата и Гакпо во 49-тата минута донесоа убедлива предност за екипата од „Енфилд роуд“.
Сепак, така не мислеше Антуан Семењо, кој со два гола, во 64-тата и 76-тата минута, донесе израмнување на 2-2.
Федерико Кјеза беше џокерот од клупата на Арне Слот. Италијанецот во игра влезе во 82-рата минута, а само шест минути подоцна постигна гол за ново водство на „црвените“.
Победата од 4-2 на Ливерпул ја потврди Мохамед Салах со гол во 94-тата минута.
Сепак, и покрај победата, Арне Слот има причини за загриженост, бидејќи неговата екипа и 12-ти натпревар по ред прими гол, ако тука ги сметаме и пријателските натпревари.