Локатели претпазлив: Не треба да заборавиме како поминавме на последниот меч против Македонија

Мануел Локатели, играчот од средниот ред на Јувентус и на италијанската репрезентација, повикува на претпазливост пред мечот против Македонија кој ќе се игра на 9 септември во Скопје. Репрезентативецот кој има 24 настапи во дресот на Аѕурите, зборуваше на прес-конференцијата во тренинг-центарот, каде што се подготвува националниот тим пред тргнувањето за Скопје.

„Ќе биде тешко. Опасни се посебно на втора топка. Свежи ни се сеќавањата од тоа како поминавме на последниот меч против Македонија. Ништо не смееме да земеме, здраво за готово. Најважно ќе биде да победиме. Мора да веруваме и да имаме желба“, вели Локатели, кој беше дел од националниот тим кој пред две години стигна до европската титула.

Италија на дуелот против Македонија ќе биде со новиот селектор Лучано Спалети, кој ќе го има дебито на клупата на Аѕурите.

„Промените треба да донесат нешто позитивно. Кариерата на Спалети зборува сама за себе и никогаш не треба да ја чувствуваме тежината на носењето на овој дрес. Оваа желба да се жртвуваме и да си помагаме е нешто што никогаш не треба да го изгубиме. Научив дека со напорна работа може да се постигнат сите цели“, додава Локатели, кој во кариерата освен за Јувентус, има играно и за Сасуоло и Милан.

Речиси е сигурно дека Италија ќе настапи во формација 4-3-3, која во првите два дена од подготовките постојано ја форсира селекторот Спалети.

- Оглас -

Најнови вести