Англискиот премиерлигаш предводен од легендарниот Жозе Мурињо утре пристигнува во Скопје, на мегдан против Шкендија. Тоа ќе биде меч од квалификациите за Лигата на Европа, а англискиот премиерлигаш е голем фаворит.
Тотенхем изминатиов викенд во Премиер лигата одигра одличен меч и победи со 5:2 на гости кај Саутхемптон покажувајќи ја силата. Сон и Кејн беа незадржливи. Јужнокореецот даде четири гола, а англискиот репрезентативец освен што погоди еднаш, асистираше на сите четири погодоци на Сон.
Сепак, дека лондонскиот тим е ранлив, се виде во претходното квалификациско коло од Лигата на Европа. Тотенхем гостуваше кај Локомотив Пловдив и се намачи за да стигне до триумф. По 75 минути игра, бугарскиот тим водеше со 1:0, но потоа се сруши играта на домаќините. Двајца играчи на Локомотив заработија црвени картони, а Тотенхем доби пенал кој во 80-тата минута го реализираше Кејн.
Само пет минути подоцна, Тотенхем со играчка доминација од двајца повеќе на теренот даде и втор гол преку Ндомбеле за целосен пресврт и победа од 2:1 за фаворитот. Мурињо ја оствари целта во Бугарија и победи, но факт е дека ако не беа двата црвени картони, можеше да се случи чудо, односно Локомотив требаше да издржи само уште 10 минути.
Во четврток е редот на Шкендија да се обиде да направи чудо против клубот кој пред две сезони играше во финалето од Лигата на шампионите. Коефициентот за победа на Шкендија во моментов е 13, што значи дека може одлично да се заработи ако тетовци успеат да се пласираат во плејофот за пласман во групната фаза од второто по ранг натпреварување на УЕФА.