28.8 C
Skopje
петок, 11 јули 2025

Лондонски преселби: Ѕвездата на Вест хем во Тотенхем, Арсенал купува играч на Челзи

Шампионот на Лигата на Европа, Тотенхем, официјално го објави потпишувањето на 24-годишниот репрезентативец на Гана, Мохамед Кудус, кој дојде од Вест хем.

Офанзивецот потпиша шестгодишен договор со клубот и ќе го носи дресот со број 20. Според извештаите на британските медиуми, лондонскиот клуб платил околу 64 милиони евра.

Кудус пристигна во Вест хем во летото 2023 година од Ајакс.

„Историјата на Тотенхем одигра голема улога во мојот избор. Ми се допаѓа визијата на клубот и начинот на кој тренерот ме вклопува во идните планови. Томас Франк веќе докажа дека знае како да развива млади играчи, а јас едвај чекам да соработуваме. Секогаш играм за тимот и мојата цел е да освојам што е можно повеќе бодови“, рече Кудус по потпишувањето.

Една од најизненадувачките зделки во летниот преоден рок може да биде преселбата на крилниот напаѓач на Челзи, Нони Мадуеке во Арсенал. Договорот ќе биде вреден 50 милиони фунти.

Челзи се согласи да му го продаде крилниот напаѓач на градскиот ривал бидејќи сметаат дека тој не напредува доволно во својот развој. Мадуеке веќе се согласи да замине во Арсенал и да се нафати на нов предизвик.

Мадуеке постигна седум гола и имаше три асистенции во 32 натпревари минатата сезона во Премиер лигата со Челзи.

Трансферите од Челзи во Арсенал не се ништо ново. Последни такви случаи имаше пред две лета, кога Топчиите ги купија Сините Жоржињо и Кај Хаверц.

- Оглас -

Најнови вести