Директорот на Валенсија, Пабло Лонгорија, следел два настапи на македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски, против Леганес и Атлетико Мадрид, и според информацијата на шпанскиот „Супердепорте“, тој е задоволен од неговите одбрани.
Тоа веројатно ќе значи дека Валенсија ќе тргне во офанзива за ангажман на Димитриевски уште ова лето. Столе брани одлично за Рајо Валјекано, двапати беше во тимот на колото, еднаш и кандидат за играч на колото, па неговите настапи ги привлекуваат поголемите клубови.
Димитриевски дојде во прволигашот од Мадрид од редовите на Химнастик Тарагона на позајмица, но Рајо Валјекано го искористи моментот и го откупи неговиот договор со второлигашот, па Столе потпиша тригодишен договор.
Тоа ќе значи дека Валенсија ќе мора да плати отштета за нашиот голман ако сака да го ангажира, а се шпекулира за сума околу 6 милиони евра.