Реал Мадрид заборави како да победува, „кралевите“ на последните пет меча во сите конкуренции четири пати претрпеа пораз, а одиграа реми без голови против Атлетико. Вчера „скалпот“ им го зеде и Леванте, и тоа на „Сантијаго Бернабеу“ при конечни 2-1, што го стави тренерот Хулен Лопетеги во незавидна ситуација.
Наводно, Флорентино Перез веќе подготвува негова замена, а Лопетеги во моментов не размислува за отказ.
„Мотивиран сум повеќе од било кога. Најмалку за што размислувам во овие моменти е отказ. Играчите не заслужуваат такви трауми во овие моменти, сакам само што побрзо да ги вратам момците на победнички патеки и да верувам во мојата стратегија. Секој тим мора да истрпи вакви промени, а жално е што не остваруваме добри резултати иако играме добро“, истакна Лопетеги.
Следен предизвик за Реал Мадрид е натпревар против Викторија П’лзењ во групите од Лигата на шампиони, а веќе во недела ги очекува гостување на „Ноу камп“, односно првото „Ел класико“ за оваа сезона против Барселона.