Кејлор Навас ќе го чува голот на Реал Мадрид на натпреварите од Лигата на шампионите, додека Тибо Куртуа ќе брани во мечевите од шпанската Примера. Ова е соломонското решение кое го донел тренерот Хулен Лопетеги околу распределбата на минутажата за двајцата одлични голмани.
„Ќе повторам, немаме проблем, туку решение. Добро е да се бира меѓу двајца одлични голмани. Знам како ќе направам за двајцата да бидат задоволни, но нема јавно да кажам“, изјави тренерот на Реал.
Се шушка дека одлучил на Костариканецот да му даде предност во ЛШ, а на Белгиецот во лигата.
Во минатата сезона, кога Навас беше неприкосновен прв голман во тимот, Реал во ЛШ на 13 меча, само двапати не прими гол. Завчера против Рома тој имаше две одлични одбрани и не прими гол, а публиката го скандираше неговото име. Веројатно тоа што ќе брани поретко, ќе го направи помотивиран и желен што почесто да ја зачува мрежата.
Куртуа по неколку години со задоволство се врати во Шпанија и мотивиран е да ја освои Ла Лига, па и кај него ќе има многу мотиви секој викенд кога ќе треба да го чува голот на Реал Мадрид. Засега не се знае кој ќе брани во Купот на Шпанија.