За актуелните тренери на Барселона и Реал Мадрид, нема да биде пријатно доколку го загубат утрешното „Ел Класико“ на „Камп Ноу“, особено гостинскиот најверојатно би добил отказ, па и нивното тактичко надмудрување ќе биде важен елемент на средбата.
Ернесто Валверде од Барса и Хулен Лопетеги од Реал, трети пат се среќаваат еден против друг како тренери, а двапати имаат играно еден против друг и како фудбалери. Тоа се случи во сезоната 1991/1992, кога Валверде го носеше дресот на Атлетик Билбао, а Лопетеги го чуваше голот на Логроњес. Двајцата имаат по една победа.
Како тренери, подобар е Лопетеги, кој на клупата на Порто, ги доби двете пресметки од Лигата на шампионите во сезоната 2014/2015 против Валверде, кој во тоа време беше тренер на Атлетик Билбао. На тие два меча, за Порто играше Касемиро.