Тешката повреда која ја здоби голманот Уго Љорис на гостувањето кај Брајтон, може да се покаже дека всушност и не е толку страшна, а ако тоа е вистина, тогаш во Тотенхем и француската репрезентација треба да слават.
Францускиот новинар Венсан Меникини на Твитер објави ексклузуивна информација дека Љорис за кого се мислеше дека доживеа тешка скршеница на раката, имал само изместен лакт, и дека вечерва ќе ја напушти болницата. Тестовите и снимките треба да покажат дали Љорис има оштетување на лигаментите во лактот, или станува збор само за дислокација.
Во моментов никој со сигурност не може да каже каква повреда има францускиот голман и колку долго би отсуствувал. И од клубот Тотенхем нема никакви официјални информации.
На претстојните мечеви на француската селекција од квалификациите за ЕП, на голот на светските шампиони ќе стои Мајк Мањан од Лил кој веројатно ќе добие шанса да дебитира во националниот тим.