Лос Анџелес и „Стејплс“ се подготвени за „Битката на титаните“

Битката на титаните ќе се одвива во Градот на Ангелите, каде што најефикасната екипа од Западот ЛА лејкерс, го пречекува градскиот ривал Клиперс. „Стејплс центарот“ ќе биде исполнет до последното место, кошаркарските фанатици се тепаа за билети, а ова дерби ќе биде најскапо во НБА-лигата во изминатава деценија.

Како што е обичај, за католичкиот Божиќ редовно има едно големо дерби, па оваа година се падна во Лос Анџелес. Сите со нетрпение ја очекуваат втората овосезонска пресметка на великаните, Леброн Џејмс против Кавај Ленард, Ентони Дејвис против Пол Џорџ.

Во таборот на Езерџиите стартуваа со фактот дека двете нивни ѕвезди нема да бидат подготвени за спектаклот, но медицинскиот тим успеа да ги анулира нивните повреди, па Кралот и Веѓата ќе бидат подготвени за шоуто во исчекување. Ќе беше вистинска штета доколку тие двајца го пропуштеа овој меч бидејќи Ленард и Џорџ ќе немаа конкуренција на паркетот. Вака, јасно е дека дуелот ќе биде неизвесен и полн со возбудливи моменти.

Клиперс на стартот од сезоната како домаќин го совлада составот на Френк Вогел, иако Џорџ во тој меч не се појави на теренот. Затоа Лејкерс се стреми на реванш, а воедно да стави крај на мини-серијата од три порази, нешто што првпат им се случува оваа сезона. Тимот кој го предводи Док Риверс не е во посакувана форма, има 2-3 учинок во последните пет меча, така што триумф над директниот конкурент за титулата ќе биде добар начин да се влезе во победнички ритам.

Интересно е што Лејкерс како домаќини против Клиперс загубија во четири од последните пет меѓусебни средби, но токму овој факт може да биде мотив за Леброн и дружината да остварат голем триумф.

Дербито е закажано за 02 часот по полноќ од дводневниот НБА-маратон. Според коефициентите на Sport Life, Лејкерс се благи фаворити, па нивниот „кец“ е 1.85, додека евентуална „двојка“ за Клиперс носи 2.10 квота.

- Оглас -

Најнови вести