Женската ракометна репрезентација има негатива од 5:12 по првото полувреме на првиот дуел од Европското првенство што се игра и во Македонија.
Ракометарките се вратија на континенталните собири по пауза од 10 години благодарение на коорганизацијата на шампионатот и во првиот дуел играат против силната Франција.
Во првото полувреме, ракометарките доста грешеа во нападот и тоа го користеше противникот, но одиграа одлично во одбраната со која командуваше голманката Јована Мицевска која имаше 5 одбрани.
Избраничките на селекторот Љубомир Савевски лошо го започнаа натпреварот, имаа неколку грешки во нападот со грешни додавања и пробивања, а тоа го искористија Французинките по 10 минути игра да поведат со 0:4.
И во наредните минути ракометкарите не успеваа да ја совладаат Дарле која за 15 минути собра пет одбрани, а единствена добра работа во играта на избраничките на Савевски беше добрата одбрана кој ги натера на грешки Французинките, а Јована Мицевска за 15 минути игра имаше четири одбрани.
Првиот гол, Македонија го постигна во 16-та минута и тоа преку Јована Кипријановск. Во продолжение и двете репрезентации доста грешеа, а одбраните го имаа главниот збор на чело со голманките, Мицевска на едната и Дарле на друга страна.
По 20 минути игра, Франција имаше предност од 2:6, а вториот гол за Македонија го постигна Симона Маџовска. Моника Јаневски намали на 3:6, но Французинките возвратија со четири гола по ред и поведоа со 3:10. До крајот на првиот дел, Македонија успеа да постигне уште два гола преку Ристовска и Саздовска и на одмор заминаа со минус седум.