Вардар 1961 не водеше во ниту еден момент од натпреварот со Монпелје, па поразот од 25-31 е заслужен и лекција како не треба да се влегува во средбите од ракометната Лига на шампиони. Пристапот и мотивацијата на Вардарци како да не беше иста како на претходните мечеви и поразот беше неизбежен.
Вардар испушти прилика со победа да го преземе првото место во групата. Ова е прв пораз сезонава, иако Вардар беше фаворит на хартија, а и традицијата беше на негова страна.
Клучен за конечниот исход беше периодот од 43-тата до 52-рата минута. На 17 минути до крај, семафорот покажуваше 23-17 за гостите, Вардар даде два гола по ред, а имаше и напад за 20-23, но шутот на Кудуз беше одбранет и тоа беше жестоко казнето со серија на противникот дури од 5-1, па Монпелје отиде на недостижни 28-20 на осум и пол минути до крајот.
Одлични беа навивачите во „Јане Сандански“, кои не престанаа да го бодрат домашниот тим и кога губеше со голема разлика. Најефикасни поединци во тимот на Веселин Вујовиќ беа Тимур Дибиров со 7 и Жереми Тото со 6 гола, додека голманите Ристовски и Томовски заедно имаа 10 одбрани.