Велшкиот фудбалер, Дејвид Брукс (24), преку социјалните мрежи информираше дека има рак, и дека е подготвен за битка. Поради ова, Брукс го пропушти последниот меч на селекцијата на Велс. Брукс е играч на Борнмут, клуб од англискиот Чемпионшип.
„Дијагностициран ми е Хоџкинов лимфом од втор степен. Со терапии почнувам следната недела. За мене и моето семејство, ова е голем шок, но прогнозите се позитивни. Уверен сум дека целосно ќе заздравам, и ќе се вратам на терен. Им благодарам на сите доктори, сестри и консултанти кои ме третираа со професионализам, топлина и разбирање во овој период. Им благодарам на сите и во фудбалската федерација на Велс, без реакцијата на нивниот медицински тим, можеби и немаше да ја откриеме болеста. Благодарам и до Борнмут за целата поддршка и помош. Молам за почитување на приватноста во следните месеци, ќе објавувам вести за напредокот секогаш кога ќе можам. Се гледаме на терен, едвај чекам да ве видам додека го играм спортот кој сите го сакаме“ – порача Брукс.
Брукс на ЕВРО 2020 играше на три меча за Змејовите, а последниот настап за Борнмут го имаше на 29-ти септември.