Најголемата ѕвезда на бразилскиот фудбал, 31-годишниот Нејмар ќе го пропушти претстојното издание на Копа Америка во САД поради повредата на коленото која ја здоби во октомври.
Ова го соопшти докторот на бразилската репрезентација, Родриго Ласмар.
Нејмар ги скина вкрстените лигаменти и менискусот на левото колено на мечот против Уругвај и периодов му трае рехабилитацијата. По операцијата на 2 ноември, беше најавено дека ќе бидат потребни девет месеци пауза пред Нејмар да се врати на терен.
„Уште е рано за него. Треба да бидеме трпеливи. Нема никаква смисла да прескокнува етапи од закрепнувањето и да се изложува на непотребен ризик. Нашите очекувања се тој да биде подготвен да игра за почетокот на новата сезона, во август“, вели доктор Ласмар.