Во пресрет на дуелот меѓу неговиот поранешен клуб Баерн Минхен и Реал Мадрид, поранешниот светски фудбалер на годината, Лотар Матеус, упати остри критики кон најтрофејниот тим во Лигата на шампионите.
Матeус не штедеше зборови ниту за ѕвездата на Кралскиот клуб, Винисиус, ниту за однесувањето на клубот во последните години.
„Винисиус секако е одличен играч, но бескрајно провоцира. Кога конечно некој ќе го оттурне како што треба, тој само се жали, па дури и плаче. Тоа е типично за него“, изјави Матeус.
Тој се осврна и на бојкотот на Реал Мадрид на церемонијата за Златната топка 2024, што за него е неприфатливо:
„Родри беше избран за најдобар играч во светот, а тие рекоа дека не е праведно и дека некој од нив требало да победи, па затоа ја бојкотираа церемонијата. Тоа едноставно не се прави. Од почит кон противниците и другите играчи – тоа не се прави. И сите медиуми го оценија тоа негативно, па клуб со толкава историја губи дел од својот престиж“, додаде тој.
Двата гиганти ќе се сретнат во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Првиот меч се игра на „Сантијаго Бернабеу“, додека реваншот е осум дена подоцна на „Алијанц арената“.
Матeус смета дека Баерн е фаворит:
„Гледам одредени слабости кај Реал кои порано не постоеја. Тоа се гледа и во промените на тренерите. Килијан Мбапе долго време беше повреден, многу се зборува за Винисиус – не само за неговите игри. Има и други проблеми во Реал, што за мене е голема предност за Баерн“, заклучи тој.

