Лотарија во Серија А – Два меча и две СЕДМИЦИ во Лече и Калјари

Коронавирусот го десеткува 26. коло во Серија А, па денеска се играа само два меча, а беа за вистинско уживање со дури 16 голови.

По голеадата на „Виа Дел Маре“ каде Аталанта го победи Лече со 7:2 и вечерва имаше седмица и тоа во Сардинија, каде Рома како гостин го победи Калјари со 4:3.

Никола Калиниќ постеше 13 месеци и во Рома веќе почнаа да се сомневаат во неговите квалитети, но Хрватот вечерва покажа дека се уште има напаѓачки оружја и со два гола беше еден од креаторите на победата на римската волчица на Сардинија.

Хрватот режираше пресврт со два гола во првото полувреме, откако Калјари поведе со голот на Жоао Педро во 28. минута. Само 60 секунди подоцна Калиниќ израмни, а во 41. минута и донесе предност за гостите.

Ова му се први голови во дресот на Рома, клуб што го засили во септември лани. Клајверт и Коларов со по еден погодок ја потврдиј победата на гостите од Рим, иако до самиот крај стравуваа за бодовите. Переиро и уште еднаш Жоао Педро ја затресоа мрежата на Олсен, но домаќините задоцнија со финишот и загубија.

Рома го задржа петтото место со 45 бода, а Калјари остана на 11. позиција со 32 бода. Пет меча од ова коло се одложени за 13. мај, меѓу нив и Дербито на Италија меѓу Јувентус и Интер што требаше да се игра вечерва во Торино од 20.45 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести