Мечот Јапонија – Хрватска од 16 часот ќе го одреди петтиот патник во четвртфиналната фаза на Светското првенство во Катар. Двата тима најавуваат голема борба за место меѓу осумте најдобри.
Јуто Нагатомо, кој го игра своето четврто Светско првенство, вели дека треба да се борат како вистински самураи.
„Самураите се многу познати во светот, а ние би сакале да се бориме како самураи. Ова е прекрасна можност да покажеме како човек може да се бори како самурај“, вели 36-годишниот Нагатомо.
Хрватска и Јапонија досега трипати играле меѓу себе и скорот е избалансиран. Во 1997 на Кирин купот, Јапонија победи со 4-3. На СП 1998, Хрватска победи со 1-0, а на СП 2006 беше 0-0.
Попладнево внимателни ќе треба да бидат искусните Дејан Ловрен и Лука Модриќ, кои добија жолти картони против Канада, па ако добијат јавна опомена и против Јапонија, нема да играат во четвртфиналето, каде што веројатно ги чека пресметка со Бразил.
Картоните на СП се бришат по четвртфиналната фаза.