Новак Ѓоковиќ потврди дека во октомври ќе игра на егзибицискиот турнир „Шест кралеви“ кој се организира во Саудиска Арабија и за кој наградниот фонд е убедливо најголем на светот.
За секој учесник гарантирани му се 1,5 милиони долари, а победникот добива дури 6 милиони, што е многу повеќе и од заработката за освоена гренслем титула.
Србинот Ѓоковиќ не само што ќе биде убедливо најстар учесник на турнирот во Ријад, туку 38-годишниот тенисер е постар од сите во Топ 20 на АТП листата и тоа за барем девет или многу повеќе години.
Интересен коментар на оваа тема даде некогашниот хрватски тенисер, а сега тренер, Иван Љубичиќ.
„Еден ден, кога Новак ќе се повлече, ќе се вратиме во нормала, кога луѓето нема да може да бидат способни да се натпреваруваат на највисоко ниво после одредена возраст“, искоментира Љубичиќ.
Има шпекулации дека Ѓоковиќ можеби ќе се пензионира следната година, но тој неодамна изјави дека желба му е да игра на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, па можеби ќе остане на терените уште три години.