Љуботен се препоти за победата над Истатов, Тиверија „падна“ во Пржино

Трикратниот шампион на Македонија во женски фудбал, воедно и актуелен освојувач на двојната круна, тетовски Љуботен, ја зголеми предноста во прволигашката конкуренција на пет бода пред најголемиот конкурент за титулата, Тиверија Брера.

Големи возбудувања донесе двојната програма во скопско Пржино, каде најпрво Љуботен во неизвесен меч го совлада домашниот состав на Истатов со 1-2, додека потоа во дербито на колото, Скопје славеше над Тиверија со минимални 1-0.

Головите за составот од Тетово беа дело на Хава Мустафа и на руската интернационалка, Екатерина Фролова, додека почениот гол за Истатов го постигна Грозданова. Победата на Скопје над Тиверија Брера ја донесе Јована Каралиоска со гол во 74-тата минута, а Рабија Дервиши во 15-тата минута не успеа да реализира пенал.

„Киксот“ на Тиверија Брера против незгодниот состав на Скопје, значи дека Љуботен сега има пет поени предност пред струмичанки и за титулата ќе се решава во последните три кола.

На останатите натпревари, Каменица Саса со 4-0 славеше над битолски Атлетико, во меч кој беше прекинат во 50-тата минута, бидејќи гостинската екипа остана со само шест фудбалерки на теренот, додека во дербито на дното струшки Ас јунајтед со 1-2 славеше во кумановско, над Речица.

Веќе е познато дека нов прволигаш е екипата на Кочани, која го освои првото место во второлигашката конкуренција, додека во битката за опстанок, односно пласман во Првата лига ќе играат екипите на Речица како деветтопласирана и скопски Вардар, како второпласиран во Втората лига.

- Оглас -

Најнови вести